Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, се сретна со претседателот на Интернационалната автомобилска федерација (ФИА), Мохамед бин Сулејем, на разговори околу можноста Турција повторно да биде домаќин на Формула 1 (Ф1) трки и на натпревари во рамките на Светското првенство во рели (ВРЦ).
Трката за ГН на Турција во Ф1 дебитираше во 2005 година, но слабата посетеност во Истанбул парк доведе до елиминација од календарот по 2011 година. Трката се врати во 2020 и 2021 година и тука, Луис Хамилтон ја освои седмата титула светски првак во 2020-та.
Трката во 2021 година беше исклучително добро посетена што покажа дека постои големо интересирање за тој спорт во Турција, многу повеќе отколку меѓу 2005 и 2011 година.
Освен тоа, Истанбул парк е меѓу најомилените патеки за возачите и за навивачите што е битен фактор за враќање на трката во Ф1 календарот.
Натпревари во СП за рели се одржуваа во Турција меѓу 2003 и 2010 година, со исклучок на 2007-та и повторно меѓу 2018 и 2020 година.
Трката првично беше со седиште во Анталија, потоа се пресели во Истанбул, а од неодамна е во Мармарис. Релито Турција се карактеризира со многу тешки делници, слични на оние што се возат на релито Акрополис во Грција.
– Патеката во Истанбул е модерна и им се допаѓа на возачите. Градот е жив и со раширени раце би го дочекал враќањето на Формула 1. Претседателот Ердоган ја препознава важноста, од економска и културна гледна точка, што ѝ ја даваат на земјата мото спортовите од светска класа. Локалната федерација има огромно искуство во организирање големи настани и можеби наскоро ќе има враќање на двете првенства во Турција, рече Бин Сулејем по средбата со Ердоган.
Сопствениците на Истанбул парк во моментов бараат нов концесионер за патеката, откако истече договорот на компанијата „Интерсити“, која ја држеше концесијата од 2012 година.
Се очекува новиот концесионер да биде избран следниот месец, а тој ќе има обврска да инвестира и во околината околу патеката во Истанбул парк.