Трикратната олимписка шампионка, спринтерката Шели-Ен Фрејзер-Прајс (37) од Јамајка се повлече од полуфиналето во трката на 100 метри на Олимписките игри (ОИ)во Париз.
Официјалното објаснување беше дека станува збор за повреда на Фрејзер-Прајс која претходно беше втора на квалификациската трка. Освен тоа таа го привлече вниманието на патеката бидејќи носеше часовник „Ричард Мил“ вреден 185.000 евра.
Швајцарската компанија е главен спонзор на една од најголемите спортистки досега, која со повлекувањето и стави крај на исклучителната олимписка и воопшто спортска кариера. Таа претходно најави дека ќе се пензионира по ОИ во Париз, велејќи дека тоа му го должи на своето семејство.
Фрејзер-Прајс беше првата спринтерка која на 100 метри освои индивидуални медали на четири последователни ОИ. Таа своето „патување“ го почна во Пекинг 2008 година, кога стана првата жена од Карибите што освоила злато на 100 метри.
Титулата ја одбрани во Лондон 2012 година, придружувајќи им се на неколкумина што успеале да го направат тоа. На ОИ во Рио 2016 година имаше проблеми со повредата на палецот, но и покрај тоа освои бронза и сребро во штафетата.
По породувањето во 2017 година, таа освои уште едно олимписко сребро и штафетно злато во Токио 2021 година.