Во Париз ќе се прикажува документарец за Ратко Рудиќ, најтрофејниот светски ватерполо стручњак

Документарниот филм за познатиот хрватски и екс југословенски ватерполо стручњак, Ратко Рудиќ, „Се случи – Ратко Рудиќ – вистинска животна приказна“, на Дејан Аќимовиќ, беше вклучен во официјалната конкуренција на филмскиот фестивал (ОЛИ- Хаус (OLY House), што се одржува за време на Олимписките игри (ОИ) во Париз. Филмот ќе се прикажува на 4 август во 19 часот.

Светската асоцијација на олимпијци е домаќин на првиот филмски фестивал (ОЛИ- Хаус) за време на ОИ. На Фестивалот ќе бидат прикажани филмови направени од олимпијци или за олимпијци и олимпиското движење, а ќе трае до 11 август, кога ќе бидат доделени наградите.

Жирито, кое се состои од меѓународно наградувани филмаџии и олимпијци, ќе додели награди за најдобар долгометражен филм, за најдобар краток филм, специјална награда на жирито и награда од публиката. Ќе бидат прикажани 25 филмови, за бокс, кревање товар, крикет, ватерполо, сурфање, уметничко пливање….

Во 115 минути, филмот за Ратко Рудиќ говори за најуспешниот ватерполо стручњак во светот, од неговите почетоци како играч во Задар до неговите фантастични тренерски резултати.

Тој првите натпревари ги одигра за Задар, првиот трофеј го освои со сплитски Јадран, а исто така одбележа значаен дел од ерата на белградски Партизан. Рудиќ забележа 297 настапи за ватерполо репрезентацијата на Југославија и освои 17 клупски титули и девет репрезентативни медали.

Но, како тренер со кариера долга 39 години, беше многу поуспешен. Освои дури 39 медали, од кои 16 златни, што го прави најдобар хрватски тренер на сите времиња во сите спортови.

Тој е и вториот најуспешен тренер во историјата на сите спортови по бразилскиот одбојкарски стручњак, Бернардо Роше де Резенде, кој има 52 медали.

На ОИ, СП и ЕП тој освои 16 медали, од кои 10 златни. Освои медали со пет различни репрезентации – Југославија, Италија, САД, Хрватска и Бразил. Тој е единствениот  ватерполо тренер кој освоил четири олимписки златни медали и единствениот кој четири пати по ред освоил медал на ОИ, од кои три златни медали по ред.

Со Југославија освои две олимписки и едно светско злато. Тој беше олимписки победник, европски и светски шампион со Италија. Истото го повтори и со хрватската репрезентација. Тој ја предводеше и репрезентацијата на САД до златото на Панамериканските игри, а Бразил до среброто на истото натпреварување.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО