Динамо Загреб го потврди големиот трансфер кој се најавуваше последните денови. Нико Галешиќ стана нов член на хрватскиот шампион.
За услугите на овој 23-годишен дефанзивец клубот од Максимир плати 3.000.000 евра, а тој во Динамо доаѓа од ривалот Риека.
„Поранешниот член на Риека потпиша повеќегодишен договор со клубот и веднаш му е на располагање на новиот тренер Фабио Канаваро“, се вели во соопштението на Динамо.
Галешиќ кариерата ја започна во младинските категории на Херта Берлин, а член на Риека стана во 2019 година. Играше за јуниорскиот тим, а потоа и за првиот тим чиј дрес го облече 98 пати.
По 18 одиграни кола во првенството на Хрватска, Динамо е трет во поредокот со 29 бодови, седум бода зад Риека и Хајдук.
Се шпекулира дека „модрите“ зимава дополнително ќе ги засилат Лука Иванушец, Бартол Фрањиќ и Борна Баришиќ. На мета е и Себастијан Але, но моментално тој е поблиску до трансфер во Утрехт.