„Дејли мејл“ ја подгрева атмосферата пред ЕП: Српски банди рекетари, дилери и убијци ќе ги напаѓаат Англичаните?!

„Српската армија насилници на Путин, ќе ги нападне навивачите на Англија“, е насловот на репортажата на „Дејли мејл“ од Белград.

Репортерот на англискиот таблоид бил таму за да направи приказна за навивачите на Србија кои се во групата со Англија на претстојното Европско првенство (ЕП) и со кои в недела ќе го одиграат првиот натпревар.

– Трибината на Делиите е мечкино дувло осветлено од факели и оттаму се слушаат националистички извици. Дојдов на домашен натпревар на Црвена ѕвезда, но моите очи се вперени во мечкиното дувло, полно со луѓе, познато како Север.

Факелите и петардите ја осветлуваат ноќта. Огромни облаци од црвен чад се околу стадионот, додека со заглушувачкиот звук на тапаните, еден куп млади во црно пеат песни со кои го слават својот клуб и скандираат грди националистички пароли.

Тоа се ултрасите на Црвена ѕвезда. Насилничка војска на супернавивачи со една од најстрашните репутации во Европа. Се нарекуваат Делии, во превод Силни момци, почнува извештајот на Мејл од белградска Маракана

Продолжението на текстот е во сличен стил. Се наведува  дека Делиите се специјализирани за војување со банди, политичко насилство, организиран криминал и рекетирање…

– На влезот од нивната трибина се наоѓа руски тенк Т-54, за кој се верува дека Србите го користеле за време на крвавиот распад на Југославија во 90-те години. Клубот го поставил таму пред пет години со образложение дека „нивните навивачи ќе бидат посилни со борбено возило“.

Англиските навивачи веќе се имаат запознато со Делиите. Најсвежи спомени се оние кога 30 хулигани на Ѕвезда нападнале и тепале навивачи на Сити во едно кафуле.

Следната средба е в недела во Гелзенкирхен, на стартот од ЕП. Германската полиција веќе алармираше за тој натпревар. Таа најави дека ќе изврши детален претрес на навивачите во потрага по оружје и пиротехнички средства, а најави и посебен штаб кој ќе ги координира акциите на интервентната полиција и специјалците.

Мејл продолжува: „Делии има околу 10.000, од ​​кои 3.000 се ултраси. Околу 300 од нив се поврзани со организиран криминал. Сепак, тие немаат монопол на насилството во Белград. Нивните најголеми ривали Гробари, навивачите на Партизан, исто така имаат вознемирувачка репутација. Еден од нивните водачи, Вељко Беливук, наречен Неволја, беше уапсен како водач на банда.

Судскиот процес против него откри дека навивачите на тој клуб исто така се занимаваат со трговија со дрога, киднапирања, мачења, силувања и убиства.

Од 2013 до 2018 година осум лица беа убиени во хулигански конфликти во Србија. Повеќето од нив во Белград. Јасно е зошто навивачите се борат жестоко, дури и меѓу себе, во рамките на истата група, за превласт.

Тие што ја контролираат трибината ги контролираат и белградските улици. Тоа значи дека тие имаат монопол на заштита на ноќните клубови и трговијата со дрога.

Според Мејл, руската крвава инвазија на Украина само ја зајакнала љубовта на српските хулигани кон Путин. Што се однесува до идеологијата на српските хулигани, Англичаните вака ја опишуваат:

– Ултрасите го мешаат агресивниот српски национализам со презирот кон Западна Европа и големите симпатии кон Путин. Крвавата инвазија на Русија на Украина само ја подигна температурата.

Србија и Русија имаат антички и блиски врски преку културното наследство, православната вера и словенството. Не случајно главен спонзор на Ѕвезда е Газпром, руската гигантска нафтена компанија.

По натпреварот, еден од Делиите се согласил да даде изјава за Мејл под услов неговиот идентитет да не биде откриен. На прашањето каква порака има за навивачите на Англија во недела, тој одговорил:

– Англиските хулигани паднаа. Тие беа пример за сите, но веќе не предизвикуваат страв. Ние се плашиме само од Бога, а Господ нека им помогне во конфликтот со нас“!

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО