Пред почетокот на летниот преоден рок, се’ повеќе се пишува дека ерата на Кевин Де Брујне на „Етихад“ наскоро би можела да заврши. Фантастичниот, 33-годишен Белгиец многумина го сметаат за најдобар играч на Сити во последните неколку сезони.
Под водство на Пеп Гвардиола, Де Брујне освои се’ и се претвори во еден од најдобрите играчи од средниот ред во Премиер лигата на сите времиња.
Неговиот договор со Сити истекува во летото 2025 година, а саудиските клубови сакаат да ја искористат таа ситуација. Според Трансфермаркт, Де Брујне вреди 60 милиони евра на пазарот, што значи дека за играч со таков квалитет тешко е да се очекува дека Саудијците ќе добијат попуст.
За Белгиецот ќе треба да се плати големо обештетување, а трошоците за неговиот договор би биле уште поголеми. Во Сити тој заработува околу 21 милион евра по сезона.
Во интервју за ХЛН Де Брујне зборуваше за потенцијално заминување и не криеше дека голема понуда ми можела да го оддалечи од Англија.
– Дали ќе останам во Сити? Тоа е опција… Имам прочитано многу наслови за трансфер во Саудиска Арабија, но јас не сум разговарал за тоа со никого. Ако добијам добра понуда, тогаш се’ е можно, но јас никогаш не сум кажал дека сакам да заминам.
Имам повеќе од доволно пари. Но, ако ми понудат некоја апсурдна сума, тогаш ќе морам да размислувам и за моето семејство, за роднините, внуците, правнуците, па и за моите пријатели, вели Де Брујне.