Данска, трикратниот светски првак, уште еднаш ја покажа својата сила декласирајќи ја Норвешка, со 29:23 и се пласира во полуфиналето на Европското првенство (ЕП) во ракомет што се одржува во Германија.
Данците кои победуваат се’ по ред на ова ЕП, ги предводеa Ханс Линдберг (сите голови ги даде од седумте метри), Матијас Гидсел и Сајмон Питлик со по пет гола. На голот на Данците беше одличниот Емил Нилсен кој имаше 15 одбрани.
Победата на Данска против Норвешка значеше и пласман на бранителот на титулата, Шведска во полуфиналето откако на претходниот меч ја совладаа Португалија со 40:33.
Во последното коло Словенија и Португалија можат бодовно да ја достигнат Шведска, доколку загуби од Норвешка. Но Швеѓаните се подобри од двете селекции во директните дуели.
Данска во завршницата продолжува како победник во Групата 2, а Шведска како второпласирана.