Бразилецот Винисиус Жуниор (23) вчера се расплака на прес конференцијата откако беше прашан за расизмот. „Не сакам икогаш да гледам како црнците страдаат“, изјави напаѓачот на Реал, а потоа го продолжи монологот во кој објасни дека нема поддршка и дека му е се’ потешко да се справува со навредите од трибините.
Последнава година Винисиус се бори против расизмот, но некои сметаат дека за таквите работи и тој има вина. Еден од нив е легендарниот парагвајски голман, Хозе Луис Чилаверт (58).
Славниот голман остро удри по Бразилецот: „Леб и игри. Прв е во навредите и нападите врз ривалите. Винисиус, не биди пе*ер, фудбалот е за мажи”.
Чилаверт бранеше професионално од 1982 до 2004 година, и постигна осум гола на 74 настапи за Парагвај. Тој беше познат по својата ексцентричност и по честото изведување пенали и слободни удари.
Ситуацијата со расизмот околу Винисиус започна во пролетта 2023 година, кога на Месталја играа Валенсија и Реал Мадрид (1:0). На тој натпревар локалните хулигани го навредуваа Винисиус, но потоа Бразилецот дополнително ја разгоре атмосферата исмевајќи ги навивачите. Во завршница тој доби црвен картон откако удри ривалски играч.