Чикаго булс ја лансираше својата „Куќа на славните“ наречена „Прстен на честа“, признание кое во првата година ќе го добијат 13 играчи, тренери и менаџери.
Тоа се Мајкл Џордан, Скоти Пипен, Фил Џексон, Денис Родман, Тони Кукоч, Артис Гилмор, Џони „Ред“ Кер, Дик Клајн, Џери Краузе, Боб Лав, Џери Слоун, Чет Вокер, Текс Винтер и тимот од сезоната 1995/96 која ја освои титулата во НБА со скор 72:10 во регуларниот дел од сезоната.
Пригодни текстови за лауретите напишаа поранешниот американски претседател Барак Обама, за Мајкл Џордан, и Меџик Џонсон за Скоти Пипен. Помалку изненадувачки автор на текстот за Денис Родман беше Еди Ведер, пејачот на рок групата Перл Џем. Текстот за Кукоч го напиша Шпанецот Пау Гасол итн.
Пригодната церемонија ќе се одржи за време на вечерашниот натпревар против Голден Стејт вориорс, а според најавите на неа нема да присустувуваат Џордан и Пипен.
– Лут сум што не можам да бидам таму, но секогаш ќе бидам Чикаго бул и му посакувам се’ најдобро на клубот. Би сакал да видам нови трофеи и се надевам дека градот секогаш ќе може да се гордее со Булс, изјави Џордан во видео порака пред настанот.