Чаби Алонсо: Едноставно не сакаме да губиме

Баер Леверкузен ремизираше на гости кај Борусија Дортмунд (1:1) во рамките на 30. коло со голот на Хрватот Јосип Станишиќ во седмата минута од дополнителното време. Со тоа Баер остана непоразен и на 45-от натпревари сезонава во сите натпреварувања, притоа постигнувајќи голови во сите, освен на еден од 45-те натпревари, вклучително 26 гола по 80-та минута.

Двата тима ремизираа и во Леверкузен сезонава (1:1), што значи дека Дортмунд стана единствениот Бундеслигаш без пораз од шампионот во 2023/24-та.

Баер Леверкузен минатата недела ја обезбеди првата шампионска титула, на пет кола до крајот, и сега има за цел да ја забележи првата кампања без пораз во германската Бундеслига. Новиот шампион е првиот тим во историјата на Бундеслигата кој е без пораз на првите 30 натпревари.

– Едноставно не сакаме да губиме. Голот беше многу емотивен, славењето со навивачите беше многу убаво и на сите многу ни значи многу. Сè уште ја чекаме големата забава. Сега малку ќе се опоравиме и потоа ќе се подготвуваме за Штутгарт [идната сабота], кој ќе биде многу возбудлив натпревар, изјави тренерот на „фармацевтите“, Чаби Алонсо.

На четири кола до крајот Леверкузен има 80 бода, и доколку победи на сите мечеви до крајот, ќе го собори рекордот на Баерн Минхен за најмногу бодови во една сезона (91, во 2012/13-та).

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО