Британецот Оливер Оукс (36) е новиот тимски директор на Формула 1 (Ф1) тимот Алпин. Оукс, основач на тимот Хајтек кој се трка во јуниорските категории, ќе го замени Французинот, Бруно Фамин.
Заминувањето на Фамин по само една година беше најавено на трката за Големата награда (ГН) на Белгија минатиот викенд. Во соопштението на Алпин се вели дека Оукс, за кого ова е прва работа во Ф1, ќе му поднесува извештаи на Лука де Мео, претседателот на Рено, кој е сопственик на Алпин.
Ангажирањето на Оукс доаѓа по само неколку недели откако поранешниот директор на тимот на Рено, Флавио Бријаторе, беше назначен за извршен советник.
– Оли е многу талентиран, со големи лидерски квалитето и успех на трките. Неговото преместување во оваа улога е одличен пример за силата и вербата што нашиот тим ги има во младите луѓе, пред кои е иднината. Возбуден сум што тесно ќе соработувам со него, со заеднички фокус за напредување и за победи на трките, изјави Бријаторе.
Алпин лани беше шести во Ф1 шампионатот за конструктори, а годинава и осми по 14 трки. Но откако го почна годинашниот шампионат со најбавниот болид, тимот напредуваше и сега редовно се квалификува во топ 10.