Поранешниот возач на Формула 1 (Ф1), Германецот Ралф Шумахер, минатиот месец објави фотографија со својот партнер на Инстаграм и јавно призна дека е геј. Братот на седумкратниот Ф1 шампион, Михаел Шумахер со објавената фотографија напиша: „Најубаво е кога имаш вистински партнер во животот со кој можеш да споделиш се“.
Тоа предизвика реакции на многубројни профили на социјалните мрежи. Повеќето го поддржуваат Германецот и неговата одлука, но има и такви кои се повредени. Една од нив е неговата поранешна сопруга. Кора Бринкман и Ралф Шумахер беа во брак 14 години пред да се разведат во 2015-та. Тие го имаат синот Дејвид, исто така професионален возач. Во интервју за „Дер Шпигел“, неговата мајка вака коментира за се’:
– Би сакала Ралф да ме вклучеше или да направеше нешто за да бидам дел од неговата одлука, тоа ќе беше знак на почит. За време на неговата Ф1 кариера, имаше многу гласини. Го замолив да разјасни дали тоа е вистина, но секогаш негираше и ми велеше дека измислувам и дека ми треба психолошка помош. Тоа беше како убод во срце. Изневерувањето секогаш влијае на околината, вклучително и на поранешната сопруга со која сте имале дете. Се чувствувам како да ме искористил во бракот и како јас залудно ги потрошив моите најдобри години.
Ралф Шумахер се натпреваруваше во Ф1 од 1997 до 2007 година. Никогаш не ја освои шампионската титула, но имаше респектабилна кариера во која забележа шест победи и 27 подиуми. Возеше за тимовите на Џордан, Вилијамс и на Тојота.