Бараж мечот за опстанок и промоција во Првата фудбалска лига на Македонија (ПФЛМ) меѓу Вардар и Детонит Јуниор ќе се одигра во Струмица, во недела, од 17 часот.
Во опција беа и Штип и Битола, но надлежните во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) одлучија овој меч да се игра во Струмица, на стадионот “Благој Истатов“.
Победникот од дуелот меѓу Вардар и Детонит следната сезона ќе игра во ПФЛМ и ќе им се придружи на Беса и на Пелистер кои доаѓаат од Втората лига.
Денеска со ждрепка беа извлечени и двојките за бараж дуелите за пополнување на Втората лига што ќе се играат во сабота.
Прилепска Победа во битката за опстанок за ривал го доби тимот на Куманово, Вардарски ќе игра со Кораб, а последната бараж двојка ја сочинуваат Влазерими и велешки Борец.