Португалскиот играч за врска Жоао Палиња (29) се пресели од Фулам во Баерн Минхен, објави германскиот фудбалски гигант.
Палиња потпиша четиригодишен договор со Баварците, но финансиските детали не беа објавени. Но островските медиуми пишуваат дека Баерн на лондонскиот клуб му платил околу 50 милиони евра обештетување.
Пред неколку дена Баерн се засили со Мишел Олисе (22) кој беше доведен од Кристал Палас за 53 милиони евра.
– Ова е еден од најсреќните денови во мојот живот. Играњето за еден од најдобрите европски клубови е остварување на сонот за мене и не можам да бидам погорд. Нестрплив сум да ја доживеам атмосферата на арената „Алијанц“ и да се поврзам со навивачите, изјави Палиња за интернет страницата на Баерн по потпишувањето на договорот.
Палиња играше за Фулам во последните две години, а претходно го носеше дресот на Брага, Спортинг, Белененсес и Мореиренсе. За португалската репрезентација забележа 31 настап и постигна два гола.