Дербито на Мадрид меѓу Атлетико и Реал (1:1), ги полни страниците на шпанските медиуми и два дена по одигрувањето на мечот. Причината не се головите или потезите од натпреварот, туку однесувањето на дел од навивачи на Алтетко на стадионот „Ванда Метрополитано“.
Да потсетиме, мечот беше во прекин 15-на минути поради дивеењето на ултрасите на Атлетико, кои фрлаа запалки, шишиња и сендвичи кон голманот на Реал, Тибо Куртоа, некогашен голман и на Атлетико.
Куртоа, кој бранеше на 111 меча за Атлетико, во тие моменти им се насмеа на навивачите и им гестикулираше: „Уште, уште“!
Тренерот на Атлетико, Диего Симеоне, јавно побара казна за Куртоа за провокациите, како и забрана за влез на стадионот на навивачите кои правеа нереди. Еден од нив е идентификуван и забранет му е влез на стадионот до крајот на животот.
Шпанските медиуми пишуваат дека од 17 непримерни извици од трибините, 15 дошле од делот каде што биле навивачите на домашната екипа. Во извиците има пцовки и навреди, а се проверуваат снимките и фотографиите за да се пронајдат оние кои ги фрлале предметите во правец на голманот на Реал.
Тоа е (не)дело на поединци од ултрас групата на навивачи на Атлетико наречена „Френте Атлетико“. Таа група има околу 2.500 членови, а за време на мечот тие користеа нацистички поздрави. Многумина бараат таа група да се отстрани од трибината.
Но „Марка“ објаснува зошто е невозможно тоа да се стори. Од клубот велат дека законот спречува илјадници поединци да бидат избркани доколку нивните имиња не се директно поврзани со претходни инциденти!
Тоа значи дека Атлетико не може да им забрани колективно пристигнување на стадионот, туку само на оние кои се идентификувани како прекршители на законот.