Арне Слот: Мораме да одиграме ‘посебен меч’ за да го елиминираме ПСЖ

Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, призна дека неговиот тим ќе мора да одигра „многу посебен“ натпревар за да ја надомести негативата од 0-2 против Пари Сен Жермен во реваншот од четвртфиналето во Лига на шампиони.
Европскиот шампион пред пет дена целосно ги надигра „црвените“, кои можеа да бидат задоволни и со „само“ 0-2, но сега следува натпревар на „Енфилд“, каде во минатото се случувале и поголеми чуда од евентуален пласман на Ливерпул во полуфиналето преку моќниот состав од Париз.

-Знаеме дека ни е потребна извонредна партија за да продолжиме понатаму, но тоа е сосема нормално кога играте против европскиот шампион, изјави Слот на прес-конференција.

Тој потсети дека неговиот тим често бил ефикасен на домашен терен.

– Во 49 натпревари на домашен терен под мое водство, во 36 постигнавме два или повеќе гола. Точно е дека не беа сите тие натпревари против Пари Сен Жермен, но и противниците во Премиер – лигата и во Лигата на шампионите беа многу силни, рече Слот и додаде:

-Веруваме дека можеме да направиме нешто посебно, но мора да бидеме навистина, навистина, навистина посебни за да го постигнеме тоа, истакна тој.

Слот во последно време се соочува со сè поголеми критики поради слабите изданија во Премиер – лигата, како и убедливиот пораз од 4-0 од Манчестер Сити во четвртфиналето на ФА купот.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО