Уште една вимблдонска традиција потклекна пред налетот на новото време. Доколку за онаа од 2021. година, кога организаторот на турнирот дозволи постојано да се игра тенис и во „средишната недела“, а за што причина беше природата или таканаречените климатски промени, поради кои секоја година во првата седмица рапоредот на мечевите беше целосно пореметен од „неочекуваниот“ дожд, за оваа, втора промена, виновен е технолошкиот прогрес. Од овој Вимблдон, прв пат во неговата 138 годишна традиција, нема повеќе да има линиски судии. Наместо нив, соколовото око или хокај системот ќе ја превземе улогата на единствен правичен делител на правда – дали топката е внатре или надвор од теренот.
Оваа промена беше причина и Арина Сабаленка од Вимблдон да ги прокоментира новите околности, односно дали ќе ѝ недостасуваат линиските судии и дали целосно му верува на хокај системот.
„Имам незгодно искуство и со двете ситуации. Некогаш не бев сигурна дали хокај системот е исправен, а некогаш судијата ја немаше донесено најдобрата одлука.“
За неа најголемиот проблем со хокај системот е притисокот кој го има во глава дали да го предизвика, а потоа да не може да се расправа со него.
„Што год да покаже, мораш да се согласиш дека е во право“.
Оттука и прашањето, дали веќе не постои сомнеж во нејзината глава околу точноста на електронскиот систем.
„Постои“, со смеење одговара белоруската тенисерка. „Додуша, понекогаш, но не многу често. Најмногу би сакала да се потпирам на главниот судија тој тоа да го види, бидејќи хокај системот очигледно прави грешки. Судијата да има право да ја промени одлуката – можеби тоа би било подобро.“ – ја заклучува расправата Арина.
Дали е оправдана недовербата на Арина во соколовото око одговор може да даде оној кој и најдобро го познава овој електронски ситем. А, тоа е нашиот Блаже Трифуновски, Македонец кој од самото воведување на хохај системот работи за Меѓународната тениска федерација како официјален контролор на хокај системот (official review). За полесно да се разбере неговата улога, тој е одговорното лице на кое судијата од терен по телефон му се јавува и го замолува да го прегледа спорниот поен.