Англичаните можат да имаат шест клуба во Лигата на шампионите

Астон Вила чекаше 44 години на европски трофеј, постот го прекина синоќа во Истанбул, со победата над Фрајбург (3:0) во финалето на Лига Европа. Победата на Астон Вила значи дека Премиер лигата може да има дури шест претставници во Лигата на шампионите следната сезона.

Тимот на Унаи Емери веќе обезбеди место во елитата, со пласманот меѓу првите пет екипи од првенството, но сега Борнмут и Брајтон имаат можност со пласман на шестото, прв пат во историјата да се пласираат во Лигата на шампионите.

Како шестото место води до Лигата на шампионите?

Клучниот услов за овој исход е Астон Вила, како победник на Лига Европа, да заврши на петтото место во домашното првенство (во моментов се четврти). Во тој случај, Вила би се квалификувала за Лигата на шампионите, преку трофејот во Лига Европа.

Дополнителното место во Лигата на шампионите, кое Премиер лигата го заработи благодарение на вкупните перформанси на своите клубови во Европа, тогаш би му припаднало на шестопласираниот тим на табелата.

Сценарија за петто и шесто место

За Вила да заврши на петтото место, треба да загуби на гостински терен од Манчестер Сити во последното коло, а во исто време Ливерпул дома треба да го победи Брентфорд.

Доколку тоа сценарио се оствари, целото внимание ќе се префрли на борбата за шестото место.

Борнмут ќе го обезбедено шестото место со кој било исход освен пораз на гостински терен кај Нотингем Форест. Шестото ќе му припадне и доколку Брајтон не успее да го победи Манчестер Јунајтед на домашен терен.

Од друга страна, Брајтон може да стигне до шестото место само ако победи, но под услов Борнмут да загуби кај Нотингем Форест.

 

 

 

Foto/ EPA

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО