Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер, со средбата против силниот тим на ПСЖ им се враќа на обврските во ракометната Лига на шампиони (ЛШ).
Предводникот на „пелистерци“ Бранислав Ангеловски смета дека доаѓањето на ПСЖ во салата „Боро Чурлевски“ (утре,18.45 часот) треба да биде ракометен празник во Битола.
– Ни доаѓа една од најдобрите екипи, со најдобрите ракометари и не можевме да посакаме подобар тајминг, по нивниот успех на Европското првенство. Ќе ни гостува Никола Карабатиќ, за кого ова е последната играчка сезона.
Лигата на шампиони е се’ посилна, а ПСЖ сигурно е еден од фаворитите. Тие се одлична екипа, играат брза транзиција, брза полуконтра. Имаат играчи од светска класа на сите позиции и ќе ни биде задоволство да се натпреваруваме со такви величини од играчи и од тренери, истакна Ангеловски на прес-конференцијата пред мечот.
Еурофарм Пелистер го пречекува ПСЖ по победата над Вардар и сите во клубот се надеваат на повторување на добрата игра, и на колку што е можно посилен отпор на големиот фаворит.