Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски и заменичката министерка за правда, Викторија Аврамовска-Мадиќ, денеска на средбата со новинарите се насочија кон промените во Законот за спорт во кој се третира ваучер-системот.
– Горд сум што можам да кажам дека 10 милиони евра како финансиска поддршка директно ќе влезат во клубовите, федерациите, меѓу спортистите. Ова е историска сума која ја потврдува заложбата на АМС за унапредување на македонските национални федерации, на клубовите и на спортистите.
Тоа што го ветивме, го остваруваме. Заедно со Министерството за правда го модифициравме досегашниот т.н. ваучерски систем, и стигнавме до директни државни субвенции, пари кои ќе се слеваат во спортските субјекти, рече Мојсовски.
Аврамовска-Мадиќ додаде дека со новиот Закон за спорт се покажува грижата за спортот.
– Досегашниот ваучерски систем беше означен како можност за корупција и затоа требаше да се промени. Со новиот закон ќе има финансиски поттик за спортските федерации, клубови и активни спортисти, од олимписки, неолимписки спортови итн.