Алкалоид победнички стартуваше во Охрид

Екипата на Алкалоид со победа го почна дебитанскиot настап на летниот охридски турнир. На премиерниот меч од меморијалот, Алкалоид и Динамо Панчево ја имаа честа први да играат, а првите бодови, пак, отидоа на салдото на македонскиот тим.

Ова не беше прв пат да се сретнат Алкалоид и Динамо, но се чини дека овојпат македонскиот тим најлесно стигна до победа над цврстиот српски состав. Иако станува збор само за контролни натпревари, денеска не’ недостигаше жар и борбеност кај двата тима.

По воведните минути во кои резултатот беше израмнет, Алкалоид почна да ја презема контролата и набргу имаше плус два гола предност. Од минута во минута одбраната со Галевски на голот беше се поцврста, стигнаа и некои лесни погодоци и по 15 минути игра Алкалоид водеше со двојно повеќе постигнати погодоци, беше 10:5, потоа и 12:6.

По ова одново се воспостави резултатски баланс, имаа и двата тима шанса и за подобар расплет, но на крајот на полувремето беше плус седум за Алкалоид.

Српската екипа поагресивно и помотивирано влезе во вториот дел, анулираше два гола од негативата, но за само една минута Алкалоид ги врати своите плус шест, а потоа до крајот на натпреварот разликата беше меѓу минималните четири и максималните седум гола.

Кирил Лазаров имаше можност да ги ротира играчите, нивото и ритамот останаа исти, резултатската разлика исто така, па во 57 минута беше 27:20, а на крајот на мечот 27:22.

Вечерва на турнирот играат Олимпијакос и Ловќен, односно Вардар и Охрид на последниот меч.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО