Фудбалерите на македонскиот претставник Шкендија Тетово ги продолжуваат натпреварите во УЕФА конференциската лига, откако синоќа со 3:1 го совладаа словенечки Браво и со вкупни 4:3 се пласираа во третото коло од квалификациите. Победата е исклучително важна особено што ривалот поведе со 1:0, а Шкендија победничкиот гол го постигна во 88.минута преку Марко Ѓорѓиевски.
– Морам да им честитам на играчите, бидејќи ова е нивна заслуга. Не беше лесно поради фактот што имавме противник кој се затвори и чекаше контри. Од психолошка страна, ова е доста важно за играчите. Но, она што не ми се допадна и што може да се избегне е примањето голови. Ги примивме сите три гола со Браво исклучително лесно. Ова исто така ме загрижува и како што реков, треба да работиме на финализирањето и дефинитивно мора да работиме на овој дел бидејќи не сме силни во дуелите, дефинитивно мора да го поправиме, изјави тренерот на Шкендија, Артим Положани на прес конференцијата.
Во следната рунда Шкендија ќе игра со шкотски Хибернијан, првиот дуел е на гости на 6.август, а реваншот на 13.август во Скопје.