Еден од најпознатите италијански фудбалски клубови, Бреша, и официјално престана да постои по 114 години историја, откако италијански суд го започна процесот на ликвидација на клубот.
Основана во 1911 година, Бреша беше еден од основачите на Серија А во сезоната 1929/30 и во својата историја одигра 23 сезони во елитното италијанско првенство. Клубот се соочуваше со долг од околу 20 милиони евра, а финансиските проблеми конечно доведоа до негово згаснување.
Колапсот започна пред околу година и пол, кога беа откриени неправилности во исплатата на платите и во трансферите на играчи. Поради тоа клубот доби казна од осум бодови, испадна во понизок ранг, а потоа не успеа ниту да се пријави за настап во Серија Ц, со што ја загуби лиценцата за професионално натпреварување.
Обидите на сопственикот Масимо Челино да ја реструктурира компанијата и да постигне договор со доверителите не беа прифатени од судот, кој оцени дека клубот се наоѓа во „јасна состојба на несолвентност“.
„Ова е едноставно казна. Не верував дека огорченоста може да надвладее над разумот“, изјави Челино по судската одлука.
Бреша остави длабока трага во италијанскиот фудбал. Во нејзиниот дрес последните години од кариерата ги одигра легендарниот Роберто Баџо, таму се афирмира Андреа Пирло, кратко настапуваше и Пеп Гвардиола, а токму во овој клуб фудбалски израсна и репрезентативецот Сандро Тонали.
Во текот на своето постоење, за Бреша играле и 14 аргентински фудбалери, меѓу кои Себастијан Саја, Матијас Алмеида и Родриго Паласио, кој во сезоната 2021/22 ја заврши својата богата кариера токму во овој клуб.
Со згаснувањето на Бреша, италијанскиот фудбал останува без уште едно историско име кое повеќе од еден век беше дел од неговата традиција.