ОФИЦИЈАЛНО – Зидан ја презема Франција

Она што беше најавувано уште од ноември, сега доби и официјална потврда – Зинедин Зидан е нов селектор на француската фудбалска репрезентација.

Веста ја објави познатиот фудбалски инсајдер Фабрицио Романо, со што и официјално заврши долгата неизвесност околу наследникот на Дидие Дешам, кој претходно најави дека ќе ја напушти селекторската функција по завршувањето на Светското првенство во 2026 година.

Легендарниот француски фудбалер и поранешен тренер на Реал Мадрид го наследува Дешам, со што завршува една од најдолгите и најуспешните селекторски ери во модерниот фудбал.

Дешам ја водеше Франција цели 14 години. Најголемиот успех го оствари со освојувањето на светската титула во 2018 година, а во 2021 година ја освои и Лигата на нации.

Под негово водство Франција играше и во финалињата на Европското првенство во 2016 година и на Светското првенство во 2022 година, додека на Европското првенство во 2024 и на Мундијалот во 2026 стигна до полуфиналето.

https://x.com/FabrizioRomano/status/2079474173169004656?ref_src=twsrc%5Etfw%7Ctwcamp%5Etweetembed%7Ctwterm%5E2079474173169004656%7Ctwgr%5E7ccf726c2702df5d97e70a35c9af534ae3ef0b9c%7Ctwcon%5Es1_c10&ref_url=https%3A%2F%2Fkurir.mk%2Fsport%2Ffudbal%2Fkonechno-dzidan-ja-predzema-francija%2F

Зидан досега целата своја сениорска тренерска кариера ја мина на клупата на Реал Мадрид, кој го водеше во два мандати.

Во првиот период, од 2016 до 2018 година, освои три последователни титули во Лигата на шампионите, една титула во Ла Лига, шпански Суперкуп, два европски Суперкупа и две светски клупски титули.

Во вториот мандат, од 2019 до 2021 година, на „кралскиот клуб“ му донесе уште една шампионска титула во Шпанија и нов трофеј во Суперкупот.

Како фудбалер, Зидан остави неизбришлива трага во дресот на Франција, со која го освои Светското првенство во 1998 година и Европското првенство во 2000 година.

Сега ќе има можност најголемите успеси да ги повтори и како селектор, а неговата главна цел ќе биде да ја врати Франција на европскиот и светскиот врв.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО