Именуван е наследникот на Марсело Биелса на клупата на уругвајската репрезентација. Тоа ќе биде легендарниот напаѓач на „Ла Селесте“ Диего Форлан.
Претседателот на Фудбалската асоцијација на Уругвај, Игнасио Алонсо, во интервју за „Теледок“ потврди дека Форлан ќе го преземе водството на репрезентацијата која не ја помина групата на Светското првенство во САД, Канада и Мексико.
На почетокот, додека двете страни не бидат сигурни дека „ова е тоа“, соработката ќе има знак на „привремена“.
„Доколку постигнеме конечен договор со Диего Форлан во следните неколку часа, тој ќе ја преземе младинската репрезентација до 20 години и ќе ја предводи сениорската селекцијата на претстојните пријателски натпревари. Тој е многу мотивиран, иако сè уште има неколку детали што треба да се договорат“, рече Алонсо.
Поранешниот уругвајски репрезентативец, кој одигра 112 натпревари и постигна 36 гола за репрезентацијата, досега имаше два тренерски ангажмани – го водеше Пењарол во уругвајската Примера во 2020 година, како и второлигашкиот клуб Атлетико Атенас во 2021 година.
Тешка задача го чека поранешниот играч на Атлетико Мадрид, Манчестер Јунајтед, Виљареал, Интер и други клубови. Се очекува Форлан да го води „Ла Селесте“ за време на собирите на репрезентацијата во септември, октомври и ноември, како и на пријателските натпревари до март 2027 година.
После тоа, Уругвајскиот фудбалски сојуз ќе донесе одлука дали Форлан ќе остане селектор или ќе биде назначен нов тренер.
Треба да се напомене дека неговата позиција би можела да се промени во наредните месеци, првенствено во зависност од исходот на изборите во Уругвајскиот фудбалски сојуз, кои се закажани за крајот на годината.