Вечерва, во Лос Анџелес (21.00 часот), ќе го добиеме вториот полуфиналист на Светското првенство во Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико (11 јуни – 19 јули). Победникот за место во финалето ќе игра против доминантната Франција, која вчера рутински со 2:0 го победи Мароко.
Актуелниот европски шампион, Шпанија, се смета за фаворит на хартија. Поради трофејот освоен пред две години, гранитната одбрана на овој турнир (без примен гол се во досегашните пет натпревари), силниот тимски дух и завидната колективна натпреварувачка километража, огромниот индивидуален потенцијал… И тренерот, кој е вешт во управувањето со тимот (и) во кризни ситуации.
„Ова ќе биде најтешкиот натпревар досега за нас, не само поради фазата во која се игра дуелот. Белгија е многу моќна репрезентација, навикната да победува. Веројатно нијансите ќе го одлучат победникот. Сакам да верувам дека имаме некаков адут повеќе од противникот“, изјави еден ден пред натпреварот, тренерот на „црвената фурија“, Луис де ла Фуенте.
Свои адути имаат и „Црвените ѓаволи“, тие се сериозна офанзивна закана, што се докажува со фактот дека со 13 гола, тие се меѓу најефикасните тимови на 23-то Светско првенство.
Исто така, има неколку играчи способни да го свртат текот на натпреварот со еден потег, но сегашната генерација не оствари ништо од големите очекувања. Белгијците се редовни пациенит на Шпанците во последните години.
„Ние сме аутсајдери, но имаме квалитет и напаѓачка моќ да им предизвикаме проблеми на Шпанците. Не сме оптоварени од атмосферата или притисокот – ние сме фокусирани само на нас и нашиот план. Фудбалот е отворена книга, никогаш не знаете кој ќе сврти која страница“, рече белгискиот стратег Руди Гарсија пред големото европско дерби.