Селекторот Златко Далиќ и хрватските репрезентативци ги изнесоа првите впечатоци по елиминацијата од Светското првенство.
Хрватска беше поразена од Португалија со 2:1 во шеснаесетфиналето, по драматичен пресврт и гол во судиското продолжение.
„Немам што да кажам. Жал ми е што загубивме, особено поради второто полувреме во кое бевме подобри и создававме шанси. Примивме гол во судиското продолжение, но немам што да им забележам на играчите. Се бореа и дадоа сè од себе. Топката едноставно не сакаше во гол. Имавме многу добри ситуации, но не успеавме да постигнеме втор гол. Честитки за Португалија, тешко е. Можеби не заслуживме да испаднеме, бевме рамноправни со Португалија. Што понатаму по Светското првенство? Немам коментар, ќе зборуваме подоцна за тоа“, изјави Далиќ.
На Хрватска во 13. минута од судиското продолжение ѝ беше поништен гол поради офсајд, по ВАР-проверка.
За таа ситуација зборуваше Игор Матановиќ, кој беше во центарот на спорниот момент.
„Искрено, мислам дека почувствував мал контакт со косата и го прашав судијата што се случи. Не бев сто проценти сигурен, но тој ми рече дека во топката има чип и дека чипот регистрирал контакт. А тогаш тоа е офсајд“, рече Матановиќ.
Јосип Станишиќ, пак, смета дека судијата Еспен Ескас можел подобро да го води натпреварот.