Хрватите тренираат на стадионот на српски клуб

Хрватската репрезентација бара реакција по поразот од Англија во второто коло на Светското првенство, но ден пред натпреварот со Панама вниманието го привлече еден интересен детал од официјалниот распоред на ФИФА.

„Ватрените“ последниот тренинг пред натпреварот ќе го одржат во понеделник, 22 јуни, во Сентениал Парк во Торонто.

Токму оваа локација е наведена од ФИФА како официјален тренинг-центар пред натпреварот, а не е избор на Хрватскиот фудбалски сојуз.

Според распоредот, и репрезентацијата на Панама ќе тренира на истата локација.

Сентениал Парк се наоѓа во населбата Етобико во Торонто, а во негова непосредна близина е стадионот кој со децении беше познат како Сентениал Парк Стадион.

Денес тој го носи името „Роб Форд Стадион“, има капацитет од околу 2.200 гледачи и најчесто се користи за фудбал, атлетика и канадски фудбал.

Посебно внимание привлекува фактот што токму овој стадион е дом на канадскиот полупрофесионален клуб „Српски бели орли“.

Клубот е основан во 1968 година во Хамилтон, во канадската провинција Онтарио, под името „Србија ФК“, а по преселбата во Торонто го добил сегашното име.

„Српски бели орли“ настапуваат во Канадската фудбалска лига и се препознатливи по симболиката поврзана со српскиот национален идентитет. Домашниот дрес традиционално е во бела боја и асоцира на белиот двоглав орел од српскиот грб, додека гостинската опрема ги следи боите на српското знаме.

Така, во необичен сплет на околности, хрватските репрезентативци ќе го одработат последниот тренинг пред важниот мундијалски натпревар на стадион кој е тесно поврзан со српската дијаспора во Канада.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО