Алжир испрати официјална жалба до ФИФА: Каде е црвениот картон за Меси?

Фудбалскиот сојуз на Алжир поднесе официјална жалба до Светската фудбалска федерација (ФИФА) во врска со контроверзното судење на натпреварот од Светското првенство против Аргентина. Алжирците сметаат дека Лионел Меси и Алексис Мекалистер требало да бидат исклучени.

Убедливата победа на Аргентина од 3:0 против Алжир, благодарение на трите гола на Лионел Меси во групната фаза на Светското првенство, не помина без контроверзии.

Два дена по натпреварот, Фудбалскиот сојуз на Алжир одлучи да го изрази своето незадоволство со официјална жалба упатена до ФИФА, наведувајќи ги клучните одлуки на полскиот судија Шимон Марчињак, кои, според нив, директно влијаеле на текот на натпреварот.

Во центарот на вниманието се два спорни моменти кои, според тврдењата на алжирската страна, морале да бидат санкционирани со исклучувања.

Стартот на Меси

Првиот се однесува на стартот на Лионел Меси над капитенот на Алжир, Аиса Манди, во 31-та минута од натпреварот. Според Алжирците, аргентинскиот фудбалер го згазнал противничот со отворен ѓон. Алжирците веруваат дека овој прекршок, поради неговата грубост и загрозување на безбедноста на играчот, требало да биде санкциониран со директен црвен картон.

Удар со лакт на Мекалистер

Вториот инцидент што го истакнуваат се случил во 74-та минута и во него бил вклучен аргентинскиот играч од средниот ред Алексис Мекалистер. Во жалбата се тврди дека Мекалистер го удрил со лакт играчот од средниот ред на Алжир, Ибрахим Маза, во дуел без топка.

Како и во случајот со Меси, алжирската федерација смета дека оваа акција била пример за неспортско однесување што заслужувало целосно исклучување.

Судијата Марчињак не санкционирал ниту една од овие ситуации, дури ни со жолт картон.

За што служи ВАР?

Во своето писмо, Фудбалскиот сојуз на Алжир прашува зошто главниот судија Шимон Марчињак не ја искористил помошта на видео технологијата (ВАР) за да ги разгледа спорните ситуации. Според правилата, сите дејствија што можат да доведат до директен црвен картон се предмет на ВАР анализа, што, според Алжирците, не се случило во овој случај.

Марчињак се смета за еден од најдобрите судии во светот, а тој ја делеше правдата во финалето на Светското првенство во 2022 година помеѓу Аргентина и Франција, поради што неговите одлуки се под дополнителена анализа на јавноста.

Сакаме појаснување

Во извештајот испратен до ФИФА, се наведува дека обете спорни дејствија можеле значително да влијаат на текот на натпреварот. Според нивното мислење, резултатот би бил поинаков доколку нивната репрезентација имала бројчена предност на теренот во поголемиот дел од натпреварот.

Алжирската федерација истакнува дека целта на жалбата е првенствено да се добие официјално појаснување и да се привлече вниманието кон стандардите на судење, а не нужно да се промени конечниот исход од натпреварот.

Фудбалскиот сојуз на Алжир сега чека официјален одговор од седиштето на ФИФА.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО