Фудбалската репрезентација на Македонија ремизира со Босна и Херцеговина (0-0) во пријателски натпревар во мајско-јунскиот циклус.
Нашата репрезентација добро му се спротивстави на домаќинот на стадионот „Кошево“ во Сараево, па иако беше во подредена улога успеа добро да се одбрани, а имавме шанса и да постигнеме гол.
Првата шанса на натпреварот ја имаа Босанците кои во четвртата минута ја погодија пречката по удар на Гиговиќ кој од македонскиот блок ја стресе рамката од голот на Димитриевски.
Повеќе топката ја имаа домашните, а нашиот тим не успеваше да се наметне. Првата полушанса за Македонија ја имаше Бојан Миовски меѓутоа голманот Зломислиќ му го скроти ударот.
Следуваше обид на домаќинот по корнер, ама и непрецизен удар. Првата можност да креираме нешто ја имавме во контра кога Растодер беше сопрен со прекршок.
Успеавме да ги одбиеме домашните налети, меѓутоа немавме решение во креативниот дел од тимот. Најзрелиот обид во првиот половина час го имаше Есмин Барјактаревиќ кој се протиб по левата страна во шеснаесетникот, но неговото уфрлување во петерецот го скроти Димитриевски.
Во 32. Минута бевме најблизу до гол, бидејќи Миовски пресече топка од босанските дефанзивци, го лобува голманот на противникот, ама неговиот удар беше расчистен од Радељиќ пред гол-линијата.
Овие две закани ги разбудија играчите на теренот, па Босанците имаа нов опасен напад кој заврши со голема мешаница во која се обидуваа Алајбеговиќ, Радељиќ и Лукиќ, ама нашиот блок беше буден.
Домашните беа далеку поконкретни, а ние се обидовме преку Аломеровиќ и Омерагиќ. Голема шанса имаше Демировиќ кој излета пред нашиот гол откосо и за малку не реализира. Невнимателниот Алиоски со високо крената нога удри противник в глава, па го доби првиот жолт картон на натпреварот.
Во судиското продолжение имавме шанса преку корнер, меѓутоа не резултираше со посериозна опасност по голот на Босанците. До крајот нашата репрезентација мирно го одби налетот на домашната селекција која притискаше сè повеќе и повеќе, па средбата заврши со најнепопуларниот резултат.