Силекс по четврти пат во својата историја го освои Куп на Македонија, откако во големото финале на арената „Тодор Проески“ ја совлада Шкендија со 1-0.
Со овој триумф, кратовци се израмнија со Работнички по бројот на освоени куп-трофеи и сега го делат третото место на вечната листа на најуспешни екипи во натпреварувањето.
Клучниот момент од средбата се случи во 71. минута.
По грешка на средината од теренот на Шкендија, Додев повлече контранапад и одлично го проигра Алиќ, кој од непосредна близина ја затресе мрежата за големо славје на кратовци.
До крајот, Шкендија се обидуваше да се врати резултатски, но цврстата и борбена игра на тимот на Васоски не дозволи промена на резултатот.
Со победата, Силекс обезбеди и настап во квалификациите за Конференциска лига, со што клубот ќе има европско лето.