Без промени во Евролигата за следната сезона

Бордот на Евролигата донесе одлука, ништо да не се менува, сè останува по старо за наредната сезона.

Нема апсолутно никакви промени во Евролигата за сезоната 2026/2027, јавуваат „Баскетњуз“ и СДНА.

Ќе остане ист форматот, структурата на клубовите и бројот на натпревари.

Накратко појаснето: како и досега, ќе постои основен дел од сезоната и ќе се играат 38 кола, што значи секој со секого двапати, еднаш дома и еднаш на гости.

Евролигата и понатаму ќе ја сочинуваат 20 клубови.

Единственото што може да се промени меѓу двете сезони е кои клубови ќе учествуваат, бидејќи не сите се сигурни.

Долг период АСВЕЛ е на границата, а резултатите оваа сезона не му одат во прилог.

На лигата не ѝ е потребен клуб кој не инвестира многу, добива само по некој натпревар и нема голема поддршка од трибините. Проблематичен е и Монако поради финансиската криза во која се наоѓа.

Она што сепак најмногу ги загрижува сите во Евролигата е што ќе се случи со Реал Мадрид и Фенербахче, бидејќи тие сè уште не потпишале нови договори.

Сè на сè, се разговараше за брзо проширување и вклучување на Бешикташ, Хапоел од Ерусалим, Наполи и ПАОК, но засега од тоа нема да има ништо, барем не за следната сезона на Евролигата. Елитното кошаркарско натпреварување ќе продолжи по старо.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО