Борис Бекер е една од најголемите легенди на Вимблдон, тој е и негов најмлад шампион во историјата, а тоа искуство можеше да му го пренесе на Новак Ѓоковиќ на најдобар начин.
Кога Германецот стана тренер на Ѓоковиќ, кон крајот од 2013 година, Србинот имаше една титула на Вимблдон (2011), но и два болни порази. Првиот беше во полуфиналето во 2012 година против Роџер Федерер, во кој Швајцарецот речиси рутински победи со 6:3, 3:6, 6:4, 6:3, а вториот беше уште потежок во финалето во 2013 година против Енди Мареј, кога не освои ниту еден сет, иако имаше многу шанси.
Истото може да се каже и за елиминацијата од Британецот во полуфиналето на ОИ на Вимблдон 2012, како и за неуспехот во борбата за бронзениот медал против Хуан Мартин дел Потро.
Овие порази беа решавачки во одлуката Ѓоковиќ да го изненади целиот свет и да го покани Бекер да му биде тренер. Соработката веднаш вроди со плод. Новак ги освои следните две титули на Вимблдон, двата пати во финалето го победи Роџер Федерер, најуспешниот шампион на овој турнир во историјата со осум трофеи. Федерер никогаш повеќе не го победи Ѓоковиќ на Вимблдон.
„Роџер беше најголемиот непријател на Новак на Вимблдон од две причини. Прво, затоа што знаеше како да игра на трева, и второ, затоа што публиката го обожаваше. Морав да му објаснам на Ѓоковиќ дека луѓето на трибините не се против него, туку се за Федерер, и дека не треба да го сфаќа премногу сериозно, туку да најде начин да ги натера и тие луѓе да го сакаат – објасни тој во емисијата „High Performance“ на YouTube.
Можеби Новак не успевал секогаш да го прифати овој совет, имаше жестоки реакции на сметка на публиката, но тоа веќе не е случај.
„Мило ми е што на крајот успеа да ја добие почитта на целиот свет што ја заслужува. Тој успеа да се справи со сите предизвици, да освои 24 гренд слем титули, да ги сруши сите можни рекорди, а сето тоа го должи на својот карактер и личност“.