Елиф Елмас повторно се најде во фокусот на фудбалскиот трансфер-пазар, откако стана извесно дека македонскиот интернационалец нема иднина во редовите на Лајпциг. Италијанските клубови Рома и Торино изразија желба да го вратат Елмас во Серија А, но нивниот интерес сега е загрозен од шпанска страна, бидејќи Реал Сосиедад влезе во трката за неговиот потпис.
Клубот од Сан Себастијан уште на почетокот на годинава го следеше Елмас, тогаш и Валенсија беше заинтересирана, но фудбалерот на крајот се определи за привремена преселба во Торино. Овој пат околностите се различни – Лајпциг не сака повторно да го отстапи на заем на истиот клуб, а понудата од 12 милиони евра што ја испрати Торино не го задоволува германскиот состав, кој бара најмалку 18 милиони евра за да го пушти македонскиот репрезентативец.
Медиумите од Шпанија објавуваат дека раководството на Реал Сосиедад го гледа Елмас како совршено освежување за својата екипа. Дополнително, клубот има добри релации со Лајпциг, стекнати преку претходни успешни трансфери, што би можело да ги забрза преговорите во деновите што следат. Според истите извори, Сосиедад очекува брзо финализирање на зделката, што би овозможило Елмас уште на стартот од следниот месец да се пресели во Сан Себастијан.