Нејмар сениор: Мојот син не сакаше да стане поголем од Меси, затоа ја напушти Барса!

Нејмар ја напушти Барселона во 2017 година и потпиша за Пари Сен Жермен во трансфер кој се’ уште е најголем на сите времиња.

Парискиот клуб и плати на Барселона 222 милиони евра за да го доведе бразилскиот репрезентативец, а многумина тогаш се прашуваа зошто тој ја напушти Барса. Неговиот татко, Нејмар сениор, зборуваше за ова во подкаст.

Тие денови се зборуваше дека Нејмар сака да излезе од сенката на Лионел Меси, свесен дека никогаш нема да биде првата ѕвезда на клубот во кој е аргентинскиот гениј.

Се пишуваше и дека сметал оти полесно ќе дојде до „Златната топка’ која до ден денес ја нема освоено. Нејмар сениор тврди дека заминувањето на неговиот син не било финансиски мотивирано, туку дека тој ја напуштил Барселона за да избегне да стане тој што ќе го фрли во сенка Меси!

– Одлуката да замине беше негова, тој сакаше да игра за ПСЖ. Бевме во тешка ситуација во Барселона, не знаевме што размислува клупското раководство. Се чинеше дека клубот сака тој да го заземе местото на Меси, но тој не го сакаше тоа и реши да си замине.

Сакав да остане до последниот ден, но тој сакаше да го напушти клубот за да не ја заземе позицијата на Меси и да стане најголемата ѕвезда на клубот, изјави таткото на Нејмар.

Нејмар играше за Барселона од 2013 до 2017 година. Со 105 гола и 76 асистенции на 186 натпревари, тој му помогна на клубот да освои една Лига на шампиони (ЛШ), две титули во Ла лига, вкупно осум трофеи. Од минатата година Нејмар е член на Ал Хилал.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО