Актуепниот четирикратен шампион на Англија, Манчестер сити се наоѓа во голема криза, а менаџерот, Пеп Гвардиола минува низ најтешкиот период во кариерата.
Сити загуби девет од последните 12 натпревари и по 17. кола сезонава е на седмото место во Премиер лигата со 12 бода помалку од водечкиот Ливерпул, кој има и натпревар помалку.
Сити е далеку од врвот и од титулата и се бори за местото кое води во Лигата на шампиони (ЛШ). На две кола пред крајот на регуларниот дел од новата ЛШ, Сити е на 22. место, на две позиции од линијата што значи испаѓање.
Малкумина можеа да го предвидат ова што им се случува на „граѓаните“, но на некого тоа му успеа. Станува збор за легендарниот англиски напаѓач Мајкл Овен, кој во август годинава, набргу откако Сити ја потврди четвртата титула во низа, прогнозираше дека актуелниот шампион ќе се мачи да заврши меѓу четирите најдобри во Премиер лигата.
– Арсенал ќе биде прв, Ливерпул втор, Астон вила трета, а Сити четврти. Годинава може да се сопнат. Нивната неверојатната серија мора да заврши, рече Овен.
Овен зад себе има одлична кариера, иако многумина сметаат дека можеше да биде многу подобра доколку сериозните повреди не го попречуваа неговиот развој. Тој остави најдлабока трага во Ливерпул, каде што во 2001 година, како 22-годишен, стана еден од најмладите добитници на „Златната топка“ во историјата.
Таа сезона го освои и Купот на УЕФА, а подоцна ги носеше и дресовите на Реал Мадрид, Њукасл, Манчестер јунајтед и на Стоук. За Англија играше 89 пати и постигна 40 гола. По играчката кариера, Овен повремено работи како телевизиски коментатор.