Познатиот италијански фудбалски голман, Џанлуиџи Буфон (46) во интервју за „Кориере дела сера“ призна дека е зависник од обложување и оти страдал од депресија.
Повод за разговорот беше презентацијата на неговата автобиографија наречена „Џанлуиџи Буфон, падни, стани, падни, стани“.
-За некои тоа е порок, но за мене беше адреналин. Сигурен сум во една работа: никогаш не сум направил ништо незаконско. Всушност, никогаш не сум бил под истрага или некогаш сум добил предупредување. Се обложувам само на кошарка и на тенис, рече тој.
Потоа тој објасни дека бил депресивен, поради што отишол и на лекар: „Ги одбив лековите. Ми требаа, но се плашев да не станам зависен од нив. Одев само три-четири пати на лекар, но тој ми даде вреден совет: негувајте други интереси, не се фокусирајте исклучиво на фудбалот. Тогаш го открив сликарството“, изјави Буфон.
Буфон моментално е член на Стручниот штаб на селекторот на италијанската репрезентација, Лучијано Спалети, а во богатата кариера 176 пати го носеше дресот на „аѕурите“ со кои во 2006 година стана светски шампион.
Во текот на професионалната кариера одигра преку 1.100 натпревари и освои 26 трофеи.