Тренерот на Наполи, Антонио Конте, по поразот (0:3) на неговиот тим на гости кај Верона, изјави дека тимот и тој „треба да се засрамат“, но и оти тој ја презема одговорноста за резултатот.
– Оние кои ме познаваат знаат дека срцето ми крвари денеска, а се надевам дека и на одредени играчи, исто така, бидејќи тоа барем би значело дека сме на вистинскиот пат, им изјави Конте на новинарите по мечот.
Како што изјави тој, неговиот тим се „стопил како снег на сонце“ по првиот примен гол.
– Треба да им се извиниме на луѓето во Неапол, кои страсно не’ следат. Јас сум тренер и правилно е што ја преземам целосната одговорност. Нашиот настап во второто полувреме беше неприфатлив, рече Конте.
Конте го презеде Наполи во јуни, и е четвртиот тренер за само една година по заминувањето на Лучијано Спалети, кој со Наполи ја освои титулата во Серија А по повеќе од 30 години.
Трофејниот италијанскиот тренер, порано и истакнат фудбалер, ја освои Серија А петпати, како играч на Јувентус, и трипати како тренер на „старата дама“. Еднаш го освои „скудетото“ и со милански Интер.