Тренерската легенда на смртната постела се потсетува на најубавите, но и на лошите моменти во кариерата

Свен Ериксон, 76-годишниот шведски тренер, на почетокот од годинава откри дека има рак на панкреасот и уште една година живот. Борејќи се за животот, поранешниот селектор на Англија за „Гардијан“ открива се’ што му се случувало во текот на фудбалската кариера и како ги минува последните месеци.

Кога Ериксон дошол во Англија, според „Гардијан“, се мислело дека е опседнат со пари, но неговата единствена опсесија тогаш и сега остана фудбалот.

– Гледав многу натпревари од Олимписките игри. Гледав сè на телевизија, навистина ми беше како наркотик. Го одгледав и секој натпревар од фудбалското  ЕП, вели Ериксон

Тој зборува и за актуелната англиска репрезентација и за селекторската клупа на која по Герет Саутгејт привремено ќе седне Ли Карсли.

– Замислете го притисокот што ќе го има новиот селектор. Две финалиња на ЕП, едно полуфинале на СП, но тоа не е доволно добро за англиската репрезентација. Следниот пат ќе мора да победи, се’ друго е неуспех.

Жал ми е за секој што ќе дојде по него. Доколку не победи на голем турнир, ќе биде осудуван, како и играчите, вели Швеѓанецот.

Тој се осврна и на најдобрите моменти во кариерата.

– Со Гетеборг во 1980-те победивме во Купот на УЕФА (сега е Лига Европа). Тоа беше извонреден успех за шведскиот фудбал. Потоа отидов во Бенфика, па во Лацио.

После тоа дојде Англија, не освоивме ништо, но тоа беше врв во мојата кариера, изјави Ериксон.

Тој освои многу титули, три шампионски титули со Бенфика и во италијанската лига со Лацио во 2000 година, втора во 124-годишна историја. Но, најголем предизвик за него беше англиската репрезентација.

Беше убеден дека ќе освојува трофеи на клупата на Англија и оти е вистинскиот човек за такво нешто, но тоа не се случи. Како и поранешниот селектор, Герет Саутгејт и тој имаше многу ѕвезди на располагање, но Англија се’ уште чека на голем резултат.

Новинарите беа попроблематични за него од фудбалот. Имаше лоши искуство со нив,  медиумите  пишуваа за неговиот приватен живот уште од првиот ден.

– Кога станав англиски селектор, почнаа да бараат лоши работи. Ја повикале мојата поранешна сопруга, и понудиле многу пари за да зборува за мене. Таа им објаснила дека ќе каже само убави работи за мене, вели Ериксон.

Ериксон моментално живее во малото село Суне во Шведска, каде што е роден. По сите авантури во животот, се вратил на местото каде што се’ почнало. Се подготвува за крајот на долгиот живот со надеж дека ќе потрае уште малку.

– Сите знаеме дека еден ден ќе умреме, порано или подоцна. Се надеваме подоцна, заклучува легендата.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО