Давид де Хеа (33) по една година пауза му се враќа на фудбалот и ќе стане нов голман на италијанскиот прволигаш Фиорентина, објави Фабрицио Романо.
Се чека само потврда на завршениот лекарски преглед, по што шпанскиот голман ќе потпише едногодишен договор со опција за продолжување на уште една година. Договорот е вреден три милиони евра нето по сезона.
Де Хеа е без клуб од лани летото кога му истече договорот со Манчестер јунајтед. Тој беше поврзуван со многубројни клубови, меѓу кои и од Саудиска Арабија. Сепак, тој на крајот ќе и се приклучи на Фиорентина, која минатата сезона заврши на осмото место во Серија А.
Де Хеа мина 12 години во Манчестер јунајтед, каде што пристигна во 2011 година како 21-годишен, од Атлетико Мадрид, за сума од 25 милиони евра.
Тој ја освои Премиер лигата (2012/13), ФА купот (2015/16) и Лига Европа (2016/17) и освои вкупно осум трофеи со гигантот од „Олд Трафорд“. Двапати беше прогласуван за најдобар голман во Премиер лигата (2018 и 2023 година).
Според Трансфермаркт, пазарната вредност на Де Хеа денеска е пет милиони евра. Еден од најдобрите голмани на генерацијата и еден од најдобрите во историјата на Премиер лигата на врвот на кариерата вредеше 70 милиони евра.
За Јунајтед тој бранеше на 545 натпревари. Прими 590 гола, а 190 пати ја сочува мрежата незатресена.