Словенечкиот велосипедист Тадеј Погачар по трет победи на најпознатата велосипедска трка на светот, Тур де Франс, по 2020 и 2021 година. Погачар доминираше на 111-то издание на Тур, „жолтата маичка“ ја облече по четвртата етапа и не ја соблече до крајот.
Тој стана осмиот велосипедист во историјата (прв по Италијанецот Марко Пантани во 1998-та) кој во иста година победил на две од трите гран тур трки, Џиро д’ Италија и на Тур де Франс (третата е шпанската Вуелта). Погачар триумфира на Џиро во мај, забележувајќи шест етапни победи, исто колку и на Тур (прв по Марк Кевендиш во 2009-та).
На вчерашната последна етапа, на хронометар, од Монако до Ница, долга 33,7 км, Погачар беше најбрз и трката ја заврши со предност од 6,17, односно 9,18 минути пред најголемите ривали, Данецот Јонас Вињегорд и Белгиецот Ремко Евенепул.
– Ова веќе беше неверојатна година, но да се победи на Тур де Франс е друго ниво. Да се победи и на двете трки е уште едно ниво над тоа ниво, изјави Погачар.
Неодамна, Погачар изјави дека е „99 отсто сигурен“ оти нема да настапи на годинашната Вуелта, и да се обиде да стане првиот велосипедист што победил на трите гран тур трки во иста година. Тој ќе ја претставува Словенија на друмската трка на Олимписките игри (ОИ) во Париз на 3 август.
Со третиот триумф, Погачар (25) им се придружи на Луисон Бобе, Грег Лемонд и на Филип Тис. По пет победи на Тур имаат забележано Еди Меркс, Бернард Ино, Жак Анкетил и Мигел Индураин. Четири триумфи има Крис Фрум.
Годинашниот 111. Тур ќе биде запаметен и по рекордната 35-та етапна победа на Британецот, Кевендиш, една повеќе од Меркс.