Лука Модриќ (38) и во следната сезона ќе го носи дресот на Реал Мадрид. Она што се пишуваше подолго време и што го најавуваа фудбалските инсајдери од крајот на минатата сезона и официјално е потврдено.
Модриќ, една од иконите на Реал и негов играч од 2012 година, и во сезоната 2024/25 ќе го носи дресот на гигантите од „Сантијаго Бернабеу“, потврдија од клубот.
Минатата година, по првичното незадоволство, Модриќ ја прифати улогата на играч кој придонесува од клупата и ги убеди челниците да му го продолжат договорот дури и во доцните играчки години.
Тој во септември ќе го прослави 39-от роденден, што се години кога повеќето фудбалери уживаат во пензија или се натпреваруваат во помалите лиги. На таа возраст Модриќ ќе го предводи Реал за одбрана на титулата во Лигата на шампиони (ЛШ) и во шпанската Ла лига.
Останувањето во Реал беше неговата најголема професионална желба и му се оствари. Тоа значи дека тој ќе има можност да го престигне Ференц Пушкаш и да стане најстариот играч кој настапувал за Реал. Тоа ќе го направи веќе во октомври.
Исто така, Модриќ има можност да стане најтрофејниот фудбалер во историјата на Реал Мадрид. Таа позиција моментално ја дели со Начо, но тој повеќе не е во клубот и не може да ја зголеми бројката од 26 освоени трофеи.
Модриќ, добитникот на „Златната топка“ од 2018 година има одиграно 534 натпревари за гигантот од Мадрид, постигнувајќи 39 гола и асистенции за уште 86 гола. Меѓу неговите поистакнати трофеи се шесте победи во ЛШ (рекорд што го дели со Дани Карвахал) и четири титули во Ла лига.