Менаџерот во оставка на Ливерпул, Јирген Клоп, ќе биде будно следен од камерите до крајот на сезоната, додека ги брка четирите трофеи на истекот од деветгодишниот мандат.
Документарецот суптилно ќе го долови тимот во областите договорени од менаџерот и од играчите, без да навлегува во приватниот простор, соопшти клубот.
Документарната серија за последните месеци на Клоп како менаџер на „црвените“ ќе содржи повеќе епизоди. Ќе ја снима, режира и ќе продуцира „Лортон ентертејмент“, компанијата одговорна за филмот за Диего Марадона.
– Со оглед на тоа што ова е мојата последна сезона, мислев дека треба да обезбедиме ретка можност за гледачите да имаат подобар поглед одвнатре на она што го прави овој клуб толку посебен. Тоа се неговите луѓе, од навивачите до играчите, и до оние кои работат толку напорно зад сцената, постојано во потрага по успех за фудбалскиот клуб Ливерпул.
Благодарение на оваа документарна серија, гледачите ќе можат да го видат она што јас го гледам секој ден и повеќе да ги разберат тие неверојатни луѓе, рече Клоп.
Дру Крисп, виш потпретседател за дигитална дејност во Ливерпул додаде: „Овој документарец ќе биде единствен и ќе ја покаже вистинската автентична страна на клубот. Не само што ќе навлезе во богатата историја и за ненадминливата врска со навивачите, туку и ќе истражи што го прави Ливерпул да успее, на и надвор од теренот“.