Македонија ќе одигра контролен натпревар против селекцијата на Чешка на 10 јуни во Прага, објави Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
– Мило ми е што е постигнат договор со чешкиот фудбалски сојуз да одиграме натпревар што ќе биде одличен тест за двете репрезентации. Тие побараа да играат против нас, што е потврда и за нашиот квалитет, изјави селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски.
За Чешка ова ќе значи последна проверка на формата пред настапот на претстојното Европско првенство (ЕП) во Германија (од 14 јуни до 14 јули). Чесите се во групата со Турција, Португалија и со победникот од плеј-офот (Ц), во март.
– Чешка ќе биде поттик за Македонија да влезе во натпреварувачки ритам пред натпреварите од новото издание на Лигата на нации. Чешка има силен тим, но ние сакаме да видиме каде сме во тој момент и што ќе треба да подобриме во пресрет Лигата на нации. Сигурен сум дека гледачите ќе уживаат во квалитетен натпревар, додаде Милевски.
Чешка и Македонија досега имаат одиграно три натпревари. Во квалификациите за СП 2006-та Македонија ги загуби двата меча, а пријателскиот меч во 2001 година заврши нерешено.
Македонија претходно, на 3 јуни ќе одигра контролен меч против Хрватска, во Риека.