Возачот на Дукати, Франческо Бањаја, триумфираше во спринт трката на Големата награда на Јапонија, 17. рунда од овогодинешниот Мото ГП шампионат.
Акцијата во Мотеги продолжува во недела од 4 часот, а главната трка во „кралската класа“ ќе започне во 7 часот.
Бањаја на патеката „Твин Ринг Мотеги“ стигна до својата прва спринт-победа оваа сезона и прво саботно искачување на подиумот по Муџело, во јуни. Италијанецот водеше од старт до цел и задржа сигурна предност. Најблиску до него беше клупскиот колега Марк Маркес, кој е на чекор до освојување на својата деветта шампионска титула. Маркес заостануваше речиси две секунди зад Бањаја, а исто толку беше пред Педро Акоста од КТМ рејсинг.
Единствениот ривал на Маркес во борбата за титулата, воедно и неговиот помлад брат Алекс, заврши дури на 10. место. Тоа значи дека на возачот на Дукати во недела за прва круна по шест години му е доволно да не загуби повеќе од седум бодови во однос на брат му. Без разлика на резултатот на Алекс, на Марк за титула би му било доволно и второ место.
Во саботата, целото внимание заслужено беше насочено кон Бањаја, кој прво беше неприкосновен на патот до пол-позицијата, а потоа блесна и во спринтот. Италијанецот веднаш поведе пред Жоан Мир на Хонда, Акоста и Маркес, и брзо успеа да се одвои, додека зад него се водеше голема битка.
Спринтот го одбележа и вистинска катастрофа за Априлија, откако Марко Беќеки и Хорхе Мартин ја завршија трката уште во првиот свиок. Мартин се обиде да напредува, но ја изгуби контролата при кочење и удри директно во својот клупски колега. Засега нема повеќе информации за нивната состојба, но охрабрувачки е што двајцата беа на нозе веднаш по инцидентот.