Лука Дончиќ го одигра најдобриот натпревар сезонава и по деветти пат во кариерата оствари трипл-дабл со најмалку 40 поени, а Далас маверикс го победија Голден стејт Вориорс со 143:133 во натпреварот со најмногу тројки во историја на НБА лигата.
Дончиќ постигна 45 поени, најмногу сезонава, со одличен шут од поле 16/23, 6/11 за тројки и 7/9 од слободни фрлања. Покрај тоа, забележа 11 скока, 13 асистенции, две блокади, три украдени топки, и три загубени топки.
Тоа беше негов трет трипл-дабл сезонава, а сите ги забележа во декември, на последните четири натпревари.
Тој по деветти пат во кариерата постигна најмалку 40 поени, со трипл-дабл, а тоа почесто од него го правеа само Оскар Робертсон (22 пати), Џејмс Харден (16) и Расел Вестбрук (13). Но Словенецот има само 25 години и доволно време да биде најдобар во таа категорија.
Клеј Томпсон додаде 29 поени со седум тројки, а Кајри Ирвинг постигна 21 за Мавс. Вориорс ги предводеа Ендрју Вигинс со 29 поени, Стивен Кари со 26 и 10 асистенции и Дрејмонд Грин, кој стартуваше на клупата, со 21 поен.
Овој натпревар ќе влезе во НБА историјата според бројот на постигнати тројки. Вориорс погодија дури 27 (од 54 обиди), два помалку од рекордот, а Мавс 21 (од 41 шут), но комбинираните 48 тројки се дури четири повеќе од стариот НБА рекорд, поставен во февруари 2023 година од играчите на ЛА Клиперс и на Сакраменто, а во петокот го изедначија Јута и Феникс.
Кари постигна седум тројки за Вориорс, Вигинс и Грин по пет, а Линди Вотерс четири. Кај Мавс, покрај споменатите Томпсон (7) и Дончиќ (6), се истакна и Квинтон Грајмс со четири.
За Вориорс ова беше деветти порази на последните 13 натпревари, но со скор од 14:11 и натаму го држат петтото место на Западот.
Резултати:
Индијана – Њу Орлеанс 119:104
Орландо – Њујорк 91:100
Вашингтон – Бостон 98:112
Сан Антонио – Минесота 92:106
Феникс – Портланд 116:109
Голден Стејт – Далас 133:143
ЛА Лејкерс – Мемфис 116:110