Лука Модриќ (38) тешко го поднесе фактот дека голот што го прими Хрватска на мечот против Италија (1:1) во осмата минута од судиското надополнување речиси сигурно ги остави без пласман во нокаут фазата на ЕП.
Тој постигна гол, беше прогласен и за играч на натпреварот, но тоа не му е утеха. По мечот тој беше во солзи свесен дека му пропадна последната шанса да освои трофеј со Хрватска на едно големо натпреварување.
Сепак, еден италијански новинар го расположи на прес-конференцијата. „Би-би-си“ објави видео од неговото прашање до Модриќ, а одговорот на хрватската легенда оди под описот „ова е навистина прекрасен момент од прес-конференцијата по натпреварот“:
– Лука, добра вечер од италијански новинар. Сакам да ти се заблагодарам за се’ што покажа, не само вечерва, туку и во текот на целата кариера. Уште еднаш го напушти теренот како играч од врвна класа. Промаши пенал, но веднаш потоа постигна гол. Посакувам никогаш да не се пензионираш затоа што си еден од најдобрите играчи за кои сум коментирал.
Потоа уследи аплауз од новинарите и одговорот на Модриќ: „Грацие. Ти благодарам од се’ срце за прекрасните зборови. И јас би сакал да играм фудбал засекогаш, но ќе дојде време кога ќе морам да ги „закачам копачките на шајка“. Ќе играм и натаму, не знам до кога, но ти благодарам за прекрасните зборови“.
Објавата што „Би-би-си“ ја проследи на „Х“ половина час по полноќ до утрово имаше околу 1,5 милиони прегледи.
This was a truly beautiful moment in the post-match press conference ❤️#BBCEuros #Euro2024 #CROITA pic.twitter.com/K8VowAgm7m
— BBC Sport (@BBCSport) June 24, 2024