Француската фудбалска федерација (ФФФ) ќе поднесе тужба по расистичките скандирања од аргентинските играчи упатени кон француските фудбалери при славјето по освојувањето на Копа Америка во САД.
Последниве денови на социјалните мрежи кружи видео на кое некои аргентински играчи, меѓу кои и играчот од средниот ред, Енцо Фернандез, кој настапува за Челси, пеат песна во која има расистички зборови насочени кон француската репрезентација и кон Килијан Мбапе.
Here is Enzo Fernandez and Argentina players celebrating that Copa America win by singing that racist France chant from the 2022 World Cup pic.twitter.com/pxoaX2MApE
— GC (@ValverdeSZN) July 15, 2024
Во соопштението за медиумите, претседателот на ФФФ, Филип Диало „најостро ги осуди неприфатливите расистички и дискриминаторски коментари упатени кон играчите на француската репрезентација“.
Челниците на ФФФ ќе испратат протестно писмо до Аргентинската фудбалска федерација (АФА), ќе стапат во контакт со ФИФА и ќе поднесат тужба до судот поради расните коментари.
– Соочени со сериозноста на овие шокантни коментари, кои се против вредностите на спортот и човековите права, претседателот на ФФФ одлучи да поднесе правна жалба поради навредливите коментари од расна и дискриминаторска природа, се наведува во соопштението.
Француската министерка за спорт, Амели Одеа-Кастера исто така се огласи на мрежата Х. „Однесувањето е уште понеприфатливо затоа што се повторува. Каде е реакцијата на ФИФА“?, коментираше министерката.
Во финалето на последното Светско првенство (СП) 2022 во Катар, Аргентина со подобро изведување пенали ја победи Франција со 4:2, откако мечот заврши без победник, 3:3 по 120 минути игра.