Фантастичниот Швеѓанец, Арманд Дуплантис по 10-ти пат во кариерата го собори светскиот рекорд во скок со стап. Тој прескокна 6,26 метри на натпреварот во рамките на Дијамантската лига во Хоржов, Полска, по само 20 дена откако по вторпат ја освои олимписката титула во Париз, со светски рекорд од 6,25 метри.
Дуплантис победата во Хоржов ја обезбеди по само три скока, најпрвин од 5,62 метри, а потоа и шест метри. Таа височина ја прескокаа и Американецот Сем Кендрикс и Гркот Емануил Каралис, но во вториот, односно третиот обид.
Каралис за прв пат во кариерата прескокна шест метри по што се откажа, додека Кендрикс трипати ја уриваше летвичката на 6,08 метри, по што Дуплантис остана сам да скока.
Првиот обид на 6,26 метри беше неуспешен, но фениоменалниот Швеѓанец беше успешен во вториот за што доби и парична награда од 50.000 долари.
Тоа беше втор светски рекорд во Хоржов. Претходно Норвежанецот, Јакоб Ингебригтсен постави нов светски рекорд на 3.000 метри.
Ингебригтсен делницата ја истрча за 7:17,55 минути, и за повеќе од три секунди го надмина претходниот рекорд на Кениецот, Даниел Комен, (7:20,67) од пред 28 години во Риети, Италија.