(ВИДЕО) Дани Олмо постигна победоносен гол на дебито за Барселона

Барселона стигна до третата победа во третото коло во шпанската Ла лига победувајќи го Рајо Валјекано со 2:1, но со доста маки.

Рајо поведе со голот на Унаи Лопез во деветтата минута, а пресвртот дојде во вториот дел. Дани Олмо влезе во во игра во 46. Минута, на местото на  Феран Торес, а во 60. минута Педри израмни на 1:1.

Барса се обидуваше да победи,  создаваше шанси, но не можеше да даде гол, се’ до 82. минута. Потоа Олмо погоди со прецизен удар на дебито. за победа на Каталонците.

Барселона успеа буквално во последен момент да го регистрира Олмо откако за него му плати 55 милиони евра на Лајпциг.

Барса има огромни проблеми со исполнувањето на финансискиот фер-плеј, поради што не можеше да регистрира нови играчи. За да го стори тоа, каталонскиот клуб летово се ослободи од Клемен Ленгле, Микаил Фаје и Витор Роке, но платата на Дани Олмо сепак го надмина предвидениот клупски буџет.

Но, на Олмо и на Барса им помогна повредата на Данецот, Андреас Кристенсен, кој поради проблем со Ахиловата тетива ќе паузира меѓу два и четири месеци.

Бидејќи станува збор за потешка повреда, раководството на шпанската лига и дозволи на Барселона да го регистрира Олмо.

Каталонскиот „Мундо Депортиво“ открива зошто Олмо славел покажувајќи на часовникот. Тоа симболично значи дека ова е негов момент, стои во текстот под наслов „Време е на Дани Олмо“.

Тој секогаш така ги слави головите, а гестот го ископирал од Демијан Лилард, кошаркарот на Милвоки бакс.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО